Лукашенко го прогласи МОК за „банда“ по усвојувањето на олимписката забрана
Александар Лукашенко, кој владее со Белорусија 26 години, го нарече Меѓународниот олимписки комитет (МОК) „банда“, откако му беше изречена привремена забрана која може да го исклучи од Олимписките игри во Токио наредната година. Забраната е донесена поради насилното задушување на протестите по спорните претседателски избори во земјата.
„Треба да одиме на суд. Нека [претседателот на МОК Томас] Бах и бандата ми кажат која е мојата вина – што ја бранам мојата земја“, рече Лукашенко при денешната посета на една болница, пренесува државната новинска агенција БелТа.
МОК вчера објави дека привремено го суспендира Лукашенко, неговиот син Виктор и уште еден функционер од олимписките активности и ги скрати плаќањата за белорускиот Национален олимписки комитет (НОК). Лукашенко е претседател на олимпискиот комитет на земјата, а неговиот син е потпретседател.
МОК го суспендира Лукашенко од Олимписките игри во Токио
МОК рече дека раководството на Олимпискиот комитет на Белорусија, чиј претседател Лукашенко бил 23 години, „не ги заштитил белоруските спортисти од политичка дискриминација“.
МОК ги суспендира сите плаќања за НОК на Белорусија, но ќе продолжи да им помага на белоруските спортисти да се подготвуваат за Олимписките игри во Токио догодина, како и за Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година, со тоа што ќе им дава стипендии директно на нив.
НОК реагира дека ова е „политички мотивиран“ чекор за да се изври притисок брз белоруската олимписка администрација.
Лукашенко прогласи победа на претседателските избори на 9 август, но опозицијата смета дека изборите биле наместени, а Западните земји не ги признаа резултатите. Од тогаш речиси секојдневно се одржуваат протести за оставка на Лукашенко. На протестите учествуваат и бројни спортисти. По обвинувањата за одмазда против спортистите кои учествуваат на протестите, МОК започна истрага.