Данска обвини Русин за шпионажа
Данските власти соопштија дека обвиниле за шпионажа еден руски државјанин кој живее во Данска. Тој е обвинет дека наводно на Русија ѝ пренесува информации кои ги обезбедил за енергетската технологија на Данска.
Осомничениот, чиј идентитет не се открива, се наоѓа во притвор од почетокот на јули, се вели во соопштението на данското обвинителство, објавено на 9 декември. Во него се наведува дека рускиот државјанин во замена за пари на руската разузнавачка служба ѝ обезбедил информации, меѓу другото, и за данската енергетска технологија.
Руската амбасада во Копенхаген, рече дека станува збор за уапсен маж, а апсењето го нарече „грешка“.
Данските обвинители велат дека случајот е поврзан со голема истрага на данската служба за безбедност и разузнавање.
Доколку биде прогласен за виновен, на рускиот државјанин му се заканува затвор до шест години или депортација.
Руската амбасада го повика данското правосудство да му обезбеди непристрасно судење на нивниот државјанин. Во амбасадата се надеваат дека нивниот сонародник ќе биде ослободен.
Сè уште нема одреден датум за почеток на судењето, а се очекува случајот да се води зад затворени врати.
Во 2012 година, фински државјанин кој работеше со Универзитетот во Копенхаген како истражувач беше осуден на пет месеци затвор, затоа што ја шпионирал Данска во корист на Русија.