Еко-свест: ТЕЦ Битола испушта сулфур диоксид девет пати над дозволеното
Загадувањето од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј во 2020 година е на истото високо ниво како и во 2019 година, покажува овиот извештај од CEE Bankwatch Network и Centre for Research on Energy and Clean Air (CREA), подготвен во соработка со Еко-свест.
Според податоците од извештајот, најголем проблем остануваат емисиите на сулфур кога станува збор за електраните на јаглен.
„Двата оџаци на битолската електрана, Битола Б1+Б2 (60.422 тони) и Битола Б3 (24.091 тони), остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјата. Ова се количини што се девет пати над она што е дозволено да емитува електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија“, велат од Еко-свест.
Уште еден сериозен проблем се и емисиите на прашина, односно ПМ честичките. Според податоците од извештајот, со 3684 тони од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно, нивото е скоро исто како во 2019 и 2018 година – повеќе од двојно повисоко од тоа што е дозволено за земјата.
Државата нетранспарентна при давањето на концесии за користење на водите
Од Еко-свест додаваат дека според ЕУ директивите кои се пренесени и во македонското законодавство се наложува земјава да ги има намалено емисиите од големите капацитети заклучно со јануари 2018 година. Но, според извештајот, во 2020 година емисиите и понатаму се на опасно ниво, повеќе пати над дозволеното.
РЕК Битола е меѓу поопасните по здравјето на луѓето во регионот, велат од Еко-свест. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, само во 2020 година би можеле да се спречат скоро 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.