Ковачевски: не сум за решенија со притисок за вакцинација, но треба да има свесност
Претседателот на СДСМ и мандатор за состав на новиот владин кабинет Димитар Ковачевски ги повика граѓаните да се вакцинираат, бидејќи како што рече, на тој начин си помагаат на себе, но и на сите други особено на здравствениот персонал, како и на економијата во целост. Сепак, напомена дека тој не е за решенија со притисок бидејќи смета дека треба и јавното мислење да се почитува.
„Јас би сакал да ги поттикнам граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцинацијата штити да симптомите од вирусот бидат на пониско ниво. На тој начин тие не си помагаат само на себе, туку помагаат на сите други особено на здравствениот персонал, кој што нема да биде толку оптеретен, меѓутоа и на економијата во целост, бидејќи ако сакаме да ни функционира економијата без рестриктивни мерки, без затворање на производствени капацитети, треба секој до нас да биде свесен дека преку вакцинирање треба тоа со личен пример да го помогне“, рече Ковачевски во гостувањето во Том Тема на ТВ Телма.
Димитров - сменет сум за да ме замолчат
Напомена дека не прифаќа решенија со притисок бидејќи смета дека треба и јавното мислење да се почитува, но како што рече, треба да се има свесност дека преку вакцинирањето имаме поблаги симптоми во однос на делта и омикрон сојот.
Во однос на министерот за здравство Венко Филипче кој си заминува од функцијата, Ковачевски рече дека тој одиграл голема улога во оваа криза, и оти многу трезвено, сконцетрирано и смирено го водел Министерството за здравство. За нов министер за здравство Ковачевски го предложи Беким Сали од Алтернатива, според договорот за распределба на министерствата кој го постигнаа претходниот лидер на СДСМ Зоран Заев и првиот човек на Алтернатива Африм Гаши. Ковачевски рече дека разговарал со Филипче и дека тој е целосно на располагање на Министерството за здравство, но и на новиот министер.
„Со Филипче разговаравме, тој е целосно на располагање на Министерството, бидејќи е свесен човек, а исто така ќе биде на располагање и на новиот министер за здравство. Секој совет е добредојден особено од некој кој поминал две години во услови на пандемија. Имам високо мислење и за др Беким Сали како човек кој може да се носи со оваа проблематика, но и како одговорен да прими совет од оние кои го имаат искуството“, додаде Ковачевски.
За новата влада Собранието ќе гласа во сабота
Ковачевски беше избран за лидер на СДСМ минатиот месец откако досегашниот Зоран Заев си даде оставка по изборниот пораз од ВМРО-ДПМНЕ на октомвриските локални избори. Сега е и мандатар за составување на новата влада, а предлогот за персоналните решенија заедно со програмата за работа на владата ги достави до собранието вчера. Седницата за избор на новата влада претседателот на собранието Талат Џафери ја закажа за во сабота. Во владината коалиција се СДСМ со нивните предизборни коалициски партнери, ДУИ, ДПА и Алтернатива со што вкупно 64 пратеници ја поддржуваат владата. За да се избере предлогот на Ковачевски неопходни се 61 глас.