ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Владата не ја прифатила понудата за поевтин гас, од ЕСМ негираат
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа дека во земјава се плаќа гас по цени и до 1950 евра за 1000 нормални метри кубни, а просечната цена по која е набавуван од почетокот на грејната сезона е 1560 евра. Од опозициската партија велат и дека и покрај тоа што на Владата и понудиле позиции и контакти кои се во можност да обезбедат гас за Македонија по поволни услови за државата, тоа не било прифатено.
Според ВМРО-ДПМНЕ, фирмата од Швајцарија до ЕСМ испратила понуда по која 1000 нормални метри кубни метри би се наплаќале по 895 евра. Оваа цена, како што наведуваат, е фиксна и важела за период од ноември до крајот на април, за испорака на над 200 милиони кубни метри гас.
„Наместо да ја прифати можноста да се набави гас поевтин од берзанските цени за неколку стотина евра, владата продолжи да купува скап гас заради лични бизнис интереси“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од АД ЕСМ соопштија дека фирмата што ја предложил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за набавка на природен гас, никогаш не доставила комплетна документација и не ги приложила потребните референци задолжителни за сите понудувачи.
„Наведената фирма беше директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, беше повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и од наша страна се правеа обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка“, се наведува во соопштението на ЕСМ.
Оттаму дополнуваат дека до поднесување на комплетна понуда не дошло, а дополнително биле известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас.
ОД ВМРО-ДПМНЕ потоа возвратија дека позицијата која ја понудила партијата како помош за набавка на поефтин гас од берзанските цени, доставила до АД ЕСМ конкретен ЕФЕТ договор кој истите го потпишале, а потоа и Анекс 1 на договорот, во кој е прецизирана цената пресметана и во Нм3 и во мегават часови, тоа е процедура за набавка на гас според европска пракса.