Османи на онлајн состанок со министрите за надворешни работи од ЕУ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и неговата колешка од Албанија, министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, денеска под покровителство на министрите за надворешни работи на Грција и Романија, Никос Дендиас и Богдан Ауреску ќе одржат видео брифинг со своите колеги, министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
„Целта на состанокот е да се рефлектира стратешката дискусија за Западен Балкан, одржана на 10 мај во Брисел и да се реафирмира ангажманот и заложбата на земјите членки кон европската перспектива на земјите од регионот, во пресрет на состаноците на Советот за општи работи во јуни“, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
Грција не прифаќа одвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ
Во фокусот на дискусиите ќе бидат интеграциите на Скопје и на Тирана во ЕУ и нивните очекувања на Советот во јуни да добијат датум да почеток на преговори, со тоа што ќе се усвојат преговарачките рамки и ќе се одржат првите меѓувладини конференции.
Од ЕУ стигнаа пораки дека Албанија и Македонија ќе бидат раздвоени на патот кон ЕУ, иако во последните години одеа во пакет.
Тирана оди напред, а Скопје ќе треба да се договори со Софија ако сака одблокирање на процесот за пристапување кон ЕУ. Но потоа одделни функционери на ЕУ и одделни земји членки застанаа зад ставот дека Албанија и Македонија не треба да се раздвојуваат.
Во меѓувреме, пак, нема многу надежни дека може да има договор со Бугарија, оти и преодната влада таму остана на ветото кон Македонија.