Јули е најтоплиот месец досега забележан на Земјата
Јули беше најтоплиот месец досега забележан на земјата, потврди европскиот сервис Коперник во вторник, 8 август.
Минатиот месец, обележан со горештини и пожари ширум светот, беше за 0,33 степени Целзиусови потопол од месецот што го држеше тој рекорд до сега, јули 2019 година, кога беше постигната просечна температура од 16,63 степени Целзиусови,пренесува Франс прес.
„Температурата беше, исто така, за 0,72 степени Целзиусови потопла од просечната температура (1991-2020) за месец јули“, наведува во својот извештај Коперник.
Веќе на 27 јули, неколку дена пред крајот на месецот, научниците оценија дека е многу веројатно јули 2023 година да биде најтоплиот месец досега забележан на планетата, вклучувајќи ги сите годишни времиња, потсетува АФП.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш тогаш рече дека човештвото ја напушти ерата на затоплување на климата и влезе во ерата на „светско вриење“.
Океаните исто така го следат овој загрижувачки тренд, со екстремно високи температури на површината од април и без преседан во јули.
Така апсолутниот рекорд е постигнат на 30 јули со 20,96 степени Целзиусови, а за цел месец температурата на површината на океаните била за 0,51 степен Целзиусови повисока од просечната за периодот од 1991 до 2020 година.
„Поставивме нови рекорди и за глобалната температура на воздухот и за површината на океаните во јули. Овие рекорди имаат катастрофални последици за луѓето и планетата, изложени на се почести и поинтензивни екстремни настани“, рече Саманта Бурџес, помошник директор во Коперникус.
Баргес, исто така, рече дека досега 2023 година е трета најтопла година со 0,43 степени Целзиусови над неодамнешниот просек, како и дека глобалната просечна температура во јули е 1,5 степени Целзиусови над прединдустриската ера.
Таа бројка од 1,5 степени Целзиусови е многу симболична бидејќи ја претставува најамбициозната граница утврдена во Парискиот договор од 2015 година за ограничување на затоплувањето. Меѓутоа, границата наведена во тој договор се однесува на просеци за неколку години, а не само за еден месец.
Коперник потсети дека се очекува релативно топол крај на 2023 година поради развојот на феноменот Ел Нињо, циклична појава над Пацификот што има ефект на дополнително затоплување на планетата. Ова, како што заклучува Франс прес, би значело дека постои можност за соборување на нови рекорди.