Во Чешка штрајк против владините мерки за штедење и инфлацијата
Во Чешка во понеделник (27 ноември) почна штрајк во училиштата, институциите и установите на државната управа, во кој на покана на 10 гранкови синдикати се вклучени околу еден милион од четирите милиони вработени, барем симболично, на денот на синдикалниот гнев, против мерките за штедење на владата на премиерот Петр Фијала, скапите енергенси и инфлацијата која е една од највисоките во Европската Унија.
Околу 70 отсто од училиштата и градинките во Чешка се приклучија на штрајкот, а во компаниите, дури и најголемите, како што е фабриката за автомобили Шкода од Млада Болеслав, производството запира на пладне на час или два.
„Протестот не е насочен против компанијата. Напротив, работодавачот ни помага во организацијата, кога ќе се соберат луѓето ќе добијат транспаренти, свирчиња. Напладне сирените ќе го најават протестот, како што беше случајот во 1990 година за време генералниот штрајк“, изјави првиот човек на синдикатот во Шкода, Јарослав Повшик.
Овој пат синдикатите не протестираат за повисоки плати, туку поради пакетот мерки за консолидирање на јавните финансии, кои најмногу ги погодуваат сиромашните и вработените, поради зголемувањето на границата за пензионирање и забавувањето на валоризацијата на пензиите, а и затоа што владата на премиерот Петар Фијала, за разлика од владите на соседните земји, не е во состојба да ја скроти инфлацијата и скапите енергенси.
Вработени и синдикални активисти денеска ќе маршираат на протестниот марш „За подобра иднина на Чешка“ низ центарот на Прага до седиштето на Владата.
Министерот за труд и социјала Маријан Јуречка го откажа патувањето во Брисел на средбата на министрите од неговиот ресор, бидејќи сака да разговара со работниците и синдикалните претставници кои ќе дојдат пред Владата.
Денот на синдикалниот гнев против власта го поддржуваат, според најновото истражување на агенцијата СТЕМ/МАРК, околу две третини од Чесите, а протестот го поддржа и поранешниот претседател на Чешка, Милош Земан.