Руската полиција уапси повеќе од 100 луѓе по вчерашните демонстрации во Москва против уставните измени. Невладината организација ОВД-инфо, која е специјализирана за следење на апсењата, рече дека биле уапсени 103 лица. Репортери на француската новинска агенција Франс прес виделе дека полицијата апсела демонстранти и новинари во центарот на Москва по протестите на плоштадот Пушкин. Протестот се одржа поради уставните измени, неодамна усвоени на повеќедневниот референдум со 78% од гласовите.
Протест против уставните измени во Москва
Измените на Уставот на Русија му овозможија на претседателот Владимир Путин да се кандидира за уште два мандата на чело на државата, што значи дека може да остане на таа позиција до 2036 година. Руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на полициски извори, исто така објави дека повеќе од 100 лица биле уапсени.