Научниците објавија слика од црна дупка на Млечниот Пат
Научниците објавија фотографија од супермасивна црна дупка која ја опишуваат како „нежниот џин“, сместена во центарот на галаксијата Млечен Пат.
Црната дупка наречена „Стрелец А*“ (Sagittarius А *) е втората црна дупка што е некогаш снимена. Овој подвиг беше постигнат со истата меѓународна соработка „Event Horizon Telescope (EHT)“, која во 2019 година ја објави првата фотографија од црна дупка лоцирана во друга галаксија.
Астрономот од Универзитетот во Аризона, Феријал Озел, ја поздрави „првата директна фотографија на „нежниот џин во центарот на нашата галаксија“ која покажува светлечки прстен од црвена, жолта и бела боја околу темниот центар.
„Стрелец А*“ има маса за четири милиони пати поголема од Сонцето и е оддалечен околу 26.000 светлосни години од Земјата. Според Би-Би-Си, црната дупка е, за среќа, толку далеку што не постои можност Земјата некогаш да биде во опасност поради неа.
Црна дупка како од филмовите или Ајнштајн бил во право?
Црната дупка е простор во кој материјата се урива сама во себе. Гравитацијата е толку силна што ништо, дури ни светлината, не може да избега.
Хоризонтот на црната дупка е точка без враќање зад која исчезнуваат ѕвездите, планетите, гасната прашина и сите форми на електромагнетно зрачење.
Црните дупки се појавуваат по експлозијата на некои големи ѕвезди, но некои од нив се огромни и милијарди пати поголеми од масата на Сонцето. Не е познато како овие дупки се наоѓаат во центрите на галаксиите.
Млечниот Пат е спирална галаксија која содржи најмалку 100 милијарди ѕвезди.
Астрофизичарот од Центарот за астрофизика Харвард-Смитсонијан Мајкл Џонсон ја нарече новооткриената црна дупка „робусна, но неефикасна“, бидејќи јаде релативно малку супстанција.
„Event Horizon Telescope“ е глобална мрежа на опсерватории кои работат заедно за да ги набљудуваат радио изворите поврзани со црните дупки. Проектот започна во 2012 година.