Кевин Спејси обвинет за четири случаи на сексуално злоставување во Велика Британија
Британските обвинители денеска поднесоа обвинение против холивудската ѕвезда Кевин Спејси за четири случаи на сексуално злоставување на тројца мажи. Обвинителството наведе дека Спејси е обвинет и за принудување на друго лице да „учествува во сексуална активност без негова согласност“.
Шефицата на полицискиот отсек за специјални злосторства Розмари Ејнсли соопшти дека обвинението е поднесено откако биле прегледани доказите кои ги собрала лондонската полиција.
Британската полиција го испита Спејси во 2019 година за наводите на неколку мажи дека ги злоставувал.
Наводните инциденти се случиле во Лондон во периодот од март 2005 до август 2008 година, како и во западна Англија во април 2013 година. Спејси од 2004 до 2015 година го водеше лондонскиот театар Олд Вик.