Бугарското МНР- Однесувањето на македонските власти е понижувачко и неприфатливо за бугарскиот народ
Однесувањето на македонските власти спрема бугарските граѓани на 4 февруари, на одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев е недопустливо се вели во реакцијата на бугарското министерство за надворешни работи, јавуваат бугарските новински агенции.
„Министерството за надворешни работи го дефинира денешното однесување на владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија“, е наведено во соопштението.
Во соопштениот испратено до медиумите е посочено дека Софија смета оти таквите дејствја заедно со одбивањето македонска и бугарска делегација заедно да положат венец е отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Република Бугарија со цел зајакнување на добрососедството.
„ Денес, дејствата на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој го посети Скопје токму за таа цел на 30 јануари оваа година, како и неговата посета денес“, се наведува во соопштението.
Македонска и бугарска делегација му оддадоа почест на 151 годишница од раѓањето на Гоце Делчев во црквата Свети Спас во Скопје, но во одвоени термини. Сето тоа беше проследено со големо полициско обезбедување, со затворени улици околу местото на настанот и падот на системот на граничниот премин Деве Баир поради што поголем број бугарски граѓани не можеа, или се откажаа од патот кон Скопје.
Во однос на проблемите со влезот на бугарските државјани на македонска територија поради застојот од „технички причини “ на граничните премини од бугарското МНР велат меѓу погодените со овие, како што ги нарекуваат рестриктивни мерки имало и новинари за кои „основата била закана за јавниот ред, национална безбедност, јавно здравје или меѓународни односи на Република Северна Македонија“.
Бугарскиот министер за надворешни работи разговарал со амбасадорката на Северна Македонија во Софија Агнеса Руси со барање за враќање на слободата на движење.
„ Уште еднаш констатиравме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставниците на властите во Северна Македонија не одговараа на ситуацијата на терен. Овој пристап на никаков начин не придонесува за конструктивен и добронамерен дијалог“, посочуваат од бугарското МНР.
Тројца бугарски државјани приведени на Деве Баир
Во врска со информациите за уапсените бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обратила до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако ваквите информации, како што се посочува во соопштението, требало веднаш да бидат испратени од страна на властите.
Министерството за надворешни работи во Софија апелира до бугарски граѓани кои писмено биле одбиени да влезат на територијата на Северна Македонија да го информираат Министерството со цел да ги преземе потребните дејства преку дипломатски канали и да ги информираат меѓународни партнери.
Демерџиев: Ќе донираме генератори за струја за пак да не им „падне системот “ на граничните премини
Во соопштението е повторен ставот на бугарскиот министер за внатрешни работо Иван Демерџиев дека Бугарија е подготвена ако е потребно да обезбеди техничка помош за да се обезбеди непречено функционирање на граничниот контролен пункт.