Поранешниот пакистански претседател Мушараф почина во Дубаи
Поранешниот пакистански претседател Первез Мушараф почина во неделата по долго боледување во болница во Дубаи. Тој помина неколку години во самонаметнат егзил.
Пакистанската војска и мисијата на земјата во Обединетите Арапски Емирати ја објавија смртта на поранешниот армиски началник (79), кој беше сменет од власт во 2008 година.
„Можам да потврдам дека тој почина утрово“, изјави за новинската агенција Ројтерс Шазија Сираџ, портпарол на пакистанскиот конзулат во Дубаи и амбасадата во Абу Даби.
Премиерот Шехбаз Шариф, претседателот Ариф Алви и началниците на пакистанската армија, морнарица и воздухопловни сили изразија сочувство за неговата смрт.
Во понеделник ќе биде направен специјален лет за Дубаи за да се врати телото на Мушараф во Пакистан на погреб, објави локалниот ТВ канал Geo News.
Поранешниот генерал со четири ѕвезди, кој ја презеде власта со ненасилен државен удар во 1999 година, го надгледуваше брзиот економски раст и се обиде да внесе социјално либерални вредности во конзервативната муслиманска земја.
Мушараф во 1998 беше назначен да ја предводи пакистанската армија, а следната години со воен удар го собори тогашниот премиер Наваз Шариф. Од 2001 до 2008 година беше претседател на земјата. Во 2007 го суспендираше уставот, што предизвика протести, по што во август 2008 си поднесе оставка.
Пакистанскиот суд пред три години му одреди смртна казна на поранешниот претседател Первез Мушараф, заради велепредавство и суспензија на Уставот на земјата пред 12 години. Оттогаш тој живееше во егзил во Обединетите Емирати.