Курти го прифати предлогот на ЕУ за нормализација на односите со Белград
Косовскиот премиер Албин Курти, по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, соопшти дека Косово го прифаќа предлогот на ЕУ за нормализација на односите.
Курти во објава на Твитер изјави дека имал добра дискусија со Лајчак.
„Добра размена на мислења со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак на работниот ручек во Приштина. Го прифаќаме предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го сметаме за добра основа за понатамошна дискусија и солидна платформа за напредок“, потенцираше Курти.
Курти го повика Западот да не врши притисок врз Приштина околу српскиот ентитет
Тој додава дека за одредени прашања за меѓународните гаранции, механизмите за имплементација и тајмингот ќе се разговара наскоро, на преговорите во Брисел.
Предлогот на ЕУ им е доставен на властите во Белград и во Приштина, а го поддржуваат Франција, Германија и САД.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно наведе дека е подготвен да работи на примената на тој план.
Овој предлог не е јавен, но РСЕ имаше увид во него. Според тој документ, се предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливоста на границите, признавањето на државните симболи и посебен аранжман за српската заедница на Косово.
Курти постави услови за формирање на Заедницата на српски општини
Во документот не се споменува експлицитно меѓусебното признавање или членство на Косово во Обединетите нации, на што инсистира Косово.
Исто така од Србија се бара да не го попречува членството на Косово во меѓународните организации.
Од друга страна, Белград инсистира на формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство како што беше договорено во Брисел во 2013 година. Курти на 2 февруари наведе дека Заедницата мора да биде во согласност со Уставот и законите на Косово. Уставниот суд на Косово констатираше дека формирањето не е во согласност со Уставот, но оти документите може да се прилагодат со статут или некои подзаконски акти.